– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) распиша јавен оглас за ангажирање на 25 практиканти, за шестмесечна практиканска работа во секторите и управите на Министерството.
Според МЗШВ, право на аплицирање имаат дипломирани студенти или студенти на завршна година студии од земјоделските, шумарски и ветеринарни високо образовни институции во државата, oдносно студенти од областа на биотехничките науки (наука за земјиште и хидрологија, заштита на растенија, растително производство, пчеларство, овошатарство, лозарство, ветеринарна медицина, добиточно производство, рибарство, шумарство и холтикултура, преработка на дрво, биотехнологија, прехранбена технологија, преработка на анимлани производи), градежништво и водостопанство, правни науки, економски науки и-или природно-математички науки – хемија.
Периодот за практиканската работа е шест месеци со полно работно време. Практикантите за време на практиканската работа остваруваат право на надоместок во висина од 70 отсто од минималната нето плата утврдена согласно закон, за практиканската работа во период до три месеци и надоместок во висина на минималната нето плата утврдена согласно закон, за практиканската работа над три месеци, сметано од четвртиот месец.
-Наша цел е мотивирање на младите и давање можност своето стекнато знаење да го дадат во развој на институциите, но и стекнување на ново знаење и вештини во струката, наведува МЗШВ.
Рокот за пријавуvање на јавниот оглас е 10 дена од денот на неговото објавување на веб страницата www.mzsv.gov.mk, каде заинтересираните може да најдат и повеќе информации за апликацијата и потребните документи.