Милановиќ: Контекстот меѓу Бугарија и Северна Македонија е нивна внатрешна работа

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на средба со својот бугарски колега Румен Радев, изјави дека прашањето меѓу Македонија и Бугарија е внатрешно политичко прашање меѓу двете земји.

Тој го критикуваше ставот кон земјите од Западен Балкан во процесот на европска интеграција.

„Јасно е дека ова е интимен политички простор и на Бугарија, и на Бугарите и на Македонците. Но, зошто велам дека тоа е внатрешно политичко прашање? Владата во Македонија, која дојде неодамна, што значи дека и претседателот и премиерот се од истата политичка група и цврсто ја држат власта, очигледно не сакаат да прават компромиси. Иако проценуваат дека ова не ја загрозува позицијата на земјата, дека таа е сè уште силна, тоа е само нивна одлука. Бугарија очигледно верува дека не може да помине низ некои работи и не е моја работа да зборувам за ова“, рече Милановиќ.

На заедничката прес-конференција со Радев, Милановиќ рече дека е навреда за земји како Црна Гора и Северна Македонија да се каже дека Украина е поблиску до приклучување кон Европската Унија.

„Ми се чини сè поверојатно дека цинизмот и грубоста на некои европски структури се незапирливи. Овие луѓе се чини дека се опседнати со Украина и како ова да е нивниот начин да останат на власт. Украина е земја во војна без јасно дефинирана територија, која не е во можност да се финансира сама. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е бесрамна навреда кон тие земји. Тоа е неправедно и нехумано, ние ја уништуваме таа земја“, рече Милановиќ.