Милановиќ: Сè додека сум претседател, хрватски војник нема да води туѓи војни

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по повод обновените дискусии во НАТО за можното испраќање војници во Украина, изјави дека додека тој е претседател, хрватскиот војник нема да води туѓи војни.

„Хрватски војник нема да води туѓи војни. Додека сме сведоци на глобални промени и конфликти, кои може да имаат непроценливо влијание врз светскиот мир и поредок, повторно почнуваат дискусии за можно заминување војници од одделни членки на НАТО во Украина“, напиша Милановиќ на својот официјален профил на „Фејсбук“.

Тој рече дека додека е претседател, ќе ја држи Хрватска надвор од вакви конфликти.

„Хрватска нема да спроведува туѓи одлуки без размислување и следење наредби, туку ќе биде внимателна и ќе се грижи за сопствениот интерес, постојано ќе го доведува во прашање она што се случува околу нас, но ќе биде искрена и лојална на оние со кои потпиша сојуз“, рече Милановиќ.