По шест години затвор, денеска е на слобода поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Јанакиески од ноември 2018 година до денес е во домашен притвор и ефективен затвор. Најпрвин бил испратен во затворот „Идризово“ каде ја отслужил казната за случајот „Титаник“ , а потоа е префрлен во затворот „Шутка“ каде што е до денеска.
Од формирањето на СЈО, Јанакиески е гонет во повеќе судски предмети. По бегството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, тој заврши во притвор.
Миле Јанакиески во ноември минатата година ја победи државата пред судот во Стразбур и ќе добие отштета бидејќи е констатирано дека му е повредено правото на слобода од членот 5 од Европската конвенција за човекови права.
Поранешниот министер обвинет во случаите „Шпански скали“ и „Организација на 27 април“ беше во притвор, иако според судот немало причина за лишување од слобода.
Втората повреда е во делот на брзината на одлучување за неговите претставки пред кривичниот совет во Кривичниот суд Скопје, која законски требаше да трае најмногу 48 часа.