Милошоски го обвини Османи дека криел документ за важење на старите пасоши, овој му одговори: Фабрика на лажни вести
Како „дел од фабриката на лажни вести“ актулениот министер за надворешни работи Бујар Османи ги оцени информациите што денеска преку Фејсбук ги изнесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, дека шефот на МНР сокрил важен документ во кој, како што тврди, било наведено дека 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името „Република Македонија“ до крајот на септември 2024 година.
„Не е точно. Ова е дел од таа фабрика на лажни вести коишто ја открија во ВМРО-ДПМНЕ. Знаете дека создале фабрика за пропаганда и лажни вести и тоа е дел од таа фабрика, која што мислам дека наредните денови повеќе и повеќе ќе се разоткрие. Во однос на пасошите засега не се проблем европските земји. Проблем е што МВР го има сменето Законот и ги има декларирано нашите пасоши за неважечки и граѓаните не може да ја напуштат нашата граница. Така што ние воопшто не сме стигнале до проблемот со границата на земјите од ЕУ“ – изјави денеска Османи.
Тој објасни дека граѓаните не можат да ја напуштат границата со пасош со старото уставно име бидејќи, како што нагласи, таквите документи, според нашето законодавство, се декларирани како неважечки.
„Додека за враќање ние ги имаме направено и преземено сите мерки никој да нема пречка да се врати. И јас досега не сум слушнал дека некој граѓанин не успеал да се врати во државата бидејќи не можел да помине низ земји членки на ЕУ“ – рече Османи.
Османи го повика МВР да каже зошто е бавен процесот на издавање пасоши и повтори дека се ставил на располагање со неговиот тим да помогнат да се реорганизира процесот. Османи нагласи дека опозицијата од една страна, само се удирала во гради дека нема да го користи новото име на државата, а од друга страна сите формулари за пратенички листи ги потпишале со името „Северна Македонија“.
„Понудив наместо политикантство, наместо парадирање, наместо предизборна кампања да седне министерот да се реорганизира. Ако треба се понудив јас лично со моето министерство, сите ќе одиме во МВР ќе сликаме, ќе пополниме формулари да им помогнеме. Треба организација, треба способност. Оваа работа бара капацитет, а не политикантство. Не удирање по гради дека јас нема да го користам новото име на државата, а сите формулари за пратенички листи ги имаат потпишано со Северна Македонија. Кого манипулираат? Зошто ја навредуваат интелигенцијата на граѓаните. Тој фолклор е поминат, надминат пред 30 – 40 години. Потпишале се’ со Северна Македонија и даваат изјави – ние нема да го користиме новото име“ – изјави Османи.
Инаку, Милошоски, денеска на Фејсбук објави фотографија за која тврди дека е допис од 23 февруари, годинава, од италијанското МВР, каде што стои дека по препорака на Европската комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името „Република Македонија“ до крајот на септември 2024 година.
Од оваа одлука, според Милошоски, се изземале само Грција и Франција.
„МВР на Италија во дописот напоменува дека одлуката е донесена заради заштита на правото на слободата на движењето, а за периодот после крајот на септември граничната полиција дополнително ќе добие инструкции како да постапува. Во истиот овој период многу некоректна беше постапката на министерот Османи кој ја криеше оваа информација за одлуката на 25 членки на ЕУ, која и тогаш и денес е многу важна за слободното движење на стотици илјади македонски државјани кои престојуваат во ЕУ“ – наведува Милошоски на Фејсбук.