Милошоски: Ни треба нов државен грб за Македонија да не остане во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола
Нема ограничување дали тоа ќе се случи за месец, три месеци или девет месеци од денес, но заклучува дека е добро да се разговара на оваа тема и темата да биде поткрепена со објективни аргументи.
Македонија не треба да остане во друштво со Белорусија, Таџикистан и со Ангола коишто се едни од ретките држави кои имаат советска симболика на државниот грб, смета потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски. Тој ги отфрла констатациите дека отворањето на дебатата за промена на државниот грб е заради дефокус од економската криза или пак, дека е во функција на претстојните локални избори.
-Не е поврзано со какви било избори. Ако зборуваме за современи државни обележја засновани на одредена објективна хералдика, тогаш навистина не сметам дека Македонија треба да остане во друштво со Белорусија, Таџикистан и со Ангола. Ова се едни од ретките земји во светот коишто имаат советска симболика во однос на државните грбови. Сметам дека Македонија има и добро историско наследство кое може да ги поврзе и АСНОМ и Илинденскиот период и претходните периоди на нашата заедничка држава и тоа да се отслика во еден современ државен грб којшто би бил подобар и би ги одразувал на еден поквалитетен начин определбите на Македонија и во таа симболика да биде дел од европските држави – изјави Милошоски прашан зошто токму сега се отвора дебата за промена на државниот грб.
Според Милошоски, иницијативата треба да отвори дијалог за да се постигне заеднички консензус во одреден временски период. Тој додава дека нема ограничување дали тоа ќе се случи за месец, три месеци или девет месеци од денес, но заклучува дека е добро да се разговара на оваа тема и темата да биде поткрепена со објективни аргументи.