Минатата година, 1700 граѓани на Македонија добиле бугарски пасош

Според годишниот извештај за активностите на Комисијата за бугарско државјанство под раководство на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, минатата година бугарско државјанство добиле над 16.000 лица. Ова е четири илјади повеќе отколку во 2023 година.

Според податоците, на прво место се државјаните од Украина и Турција.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, минатата година над 2.400 лица од Украина добиле бугарски пасоши. Турција е на второ место. Речиси 2.200 луѓе од нивниот јужен сосед добиле бугарско државјанство. Следува Молдавија со над 1.800 бугарски пасоши (1887).

На четврто место се државјаните на Македонија, со близу 1.700 лица кои лани добиле бугарско државјанство. Следни на ред се Албанија (1328), Србија, Русија, Израел и Сирија.

За разлика од претходните години, кога најголемиот дел од бугарските пасоши се издаваа на државјани на Македонија, во 2024 година првите две земји по нови државјани се Украина и Турција, со 2.436, односно 2.163 лица.