Министерот за надворешни работи на Шведска во Белград: Србија да се усогласи со политиката на ЕУ кон Русија

„Сега е важно Србија целосно да се усогласи со ЕУ по прашањето за Русија и да спроведе реформи. Кога станува збор за договорот, очекуваме дека сите одредби од договорот и анексите ќе бидат имплементирани веднаш“.

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром денес во Белград изјави дека Србија мора да се усогласи со политиката на Европската Унија (ЕУ) кон Русија и дека се очекува да се применат сите одредби од договорот и анексот на договорот за нормализација на односите со Приштина.

„Сега е важно Србија целосно да се усогласи со ЕУ по прашањето за Русија и да спроведе реформи. Кога станува збор за договорот, очекуваме дека сите одредби од договорот и анексите ќе бидат имплементирани веднаш“, рече Билстром на прес-конференцијата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој додаде дека Шведска за време на претседавањето со ЕУ го држи високо на агендата проширувањето кон Западен Балкан, дека земјите од регионот се партнери за да се одржи Европа стабилна и просперитетна.

„Руската инвазија на Украина суштински ја промени безбедноста на Европа, очекуваме нашите партнери да се координираат со нас и да преземат стратегиска одговорност за заедничката безбедност“, рече Билстром.

Вучиќ на прес-конференцијата рече дека Билстром инсистирал Србија да воведе санкции кон Русија и дека „руската агресија против Украина променила сè“, а Шведска одлучила да влезе во НАТО по 200 години воена неутралност.

„Реков дека некој мора да ја разбере и нашата позиција бидејќи тој блок нѐ бомбардираше без дозвола од Советот за безбедност на ОН во 1999 година“, рече Вучиќ.

Говорејќи за Косово, Билстром рече дека му честитал на Вучиќ за постигнувањето на „историскиот договор со Приштина“, а Вучиќ рече дека на средбата повторил дека Србија ќе направи сѐ од договорот, но нема да го поддржи влезот на Косово во Обединетите нации и во телата на ОН.

Вучиќ додаде дека денес е 10-годишнина од Бриселскиот договор и дека кога Приштина ќе ја формира Заедницата на српските општини со сите овластувања, Србија ќе ги исполни своите обврски.

Билстрем истакна дека на Србија местото ѝ е во ЕУ и дека не постои алтернатива, а Вучиќ рече дека Шведска е една од земјите што силно ја поддржуваат Србија на нејзиниот европски пат.

„Ги разбравме сите пораки од Шведска, дека мора да воведе санкции, како мора да се однесува во односите со Приштина. Ние сме независна и суверена земја, ќе донесуваме одлуки на таков начин, земајќи го предвид тоа што вие, како наш најблизок партнер, ни го кажавте“, рече Вучиќ.