Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски

Министерот за правда, Кренар Лога, го потпиша барањето за екстрадиција на првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска (14 г.) и Панче Жежовски (74 г.), Љупчо Палевски – Палчо кој беше уапсен претходниот ден на територија на Република Турција.

Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја“, стои во соопштението од Министерството за правда.

Министерството за правда, претходно информира дека постапката за екстрадиција е започната и побарале од надлежните турски власти Љупчо Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршувањето на постапката. Барањето, како што соопштија претходно од министерстовото, се праќа по DHL (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).

Љупчо Палевски – Палчо

Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27. и 24. ноември беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3. декември. За нивното убиство, покрај Љупчо Палевски, се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината. Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но 14-годишната девојка, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата. 

Според обвинителството, Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека, петтиот осомничен, таткото на Вања Ѓорчевска, им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.

Во 48-часовен е и лицето С.Д. кое се сомничи дека му помогнал на Љупчо Палевски да пребегне во Русија, но во тоа не успеал.