Министерот за правда очекува Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Левица за Законот за матична евиденција
Министерот за правда Кренар Лога изјави дека очекува Уставниот суд да ја отфрли иницијативата од политичката партија Левица за оценување на уставноста на Законот за матична евиденција предложен од Министерството за правда, со кој се предвидува националноста да се запише во матичните книги на родените, венчаните и на умрените.
„Очекувам дека мериторно Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата на Левица и Законот ќе биде во сила. Најавувам и дека штом ќе имаме одлука на Уставен суд ќе имаме и нови упатства и нови изводи што значи дека ќе се повтори праксата што ја воведовме и ќе имаме графа за националност во изводите за да ја спречиме злоупотребата при вработување низ цела држава“, изјави Кренар Лога при посетата на Боговиње.
Во врска со сомнежите што ги отвори Антикорупциската комисија за пробиени матични книги и трговија со лични податоци на граѓани при нивно пренесување во дигитална форма и дали може да се преземе заштита, Кренар Лога упати прашањето да се постави во Управата за водење матични книги.
„Треба да се обратите до директорот на Управата за водење матични книги, тој е одговорен за тоа прашање. Јас ниту имам такви информации, бидејќи тоа е посебен орган во состав на Министерството и најверојатно таму имаат некакви информации“, кажа Кренар Лога.