– Германија не може да ѝ испорача повеќе ракетни системи „Патриот“ на Украина поради своите ограничени капацитети, изјави денес министерот за одбрана Борис Писториус.
Зборувајќи за новинарите пред министерскиот состанок на НАТО во Брисел, Писториус рече дека Германија досега ѝ испорачала две единици „Патриот“ на Украина и дека е во процес на испорака на трета единица.
„Веќе обезбедивме три (‘Патриот’) системи, што значи четвртина од нашите капацитети. Така што нема простор да се обезбеди повеќе од тие три системи“, рече Писториус.
„Доставивме многу, но другите можеби можат да направат повеќе“, додаде тој.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски во неколку наврати ги повика западните сојузници да ја зголемат својата воена поддршка, а особено за обезбедување напредни системи за противвоздушна одбрана за Киев, во услови на засилени руски напади насочени кон енергетската и економската инфраструктура на земјата.
Зеленски рече дека им требаат уште најмалку седум системи „Патриот“ или слични напредни системи за противвоздушна одбрана за одбивање на руските напади.