Министерството за економија ја уверува германската компанија „Лидл“ дека нема да има тешкотии во изградбата на пазари во Република Македонија
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, денес се сретна со менаџментот на германската компанија „Лидл“, која е во процес на изградба на маркети на повеќе локации во земјава и логистички центар во индустриската зона во Куманово.
На состанокот, како што соопшти Министерството за економија, беше разговарано за динамиката на реализација на инвестицијата на оваа германска компанија, при што беше нагласено дека компанијата е во процес на воспоставување соработка со голем број локални компании, чии производи ќе бидат дел од асортиманот на „Лидл“.
Заменик-министерот за економија нагласи дека Владата останува на располагање за надминување на сите проблеми и евентуални тешкотии со кои би се соочиле во текот на нивните активности.
„Тој изрази надеж дека пазарите ќе се отворат што е можно поскоро, што би овозможило македонскиот пазар да има производи со европски стандарди и прифатливи цени за нашите граѓани, како и за најголема можна застапеност на домашните производи на нивните пазари во Македонија и регионот“, информира Министерството за економија.
На состанокот од германската компанија присуствуваа Милена Драгиска-Денчева, извршен директор на Лидл – Бугарија, Рубријан Хаџиев, главен оперативен директор на Лидл за Македонија и Теодора Хаџи-Димова Танаскоска, директорка за човечки ресурси во Лидл – Македонија.
„Лидл“ е најголемиот европски малопродажен синџир за храна, застапен во 31 земја со околу 12.000 продавници и повеќе од 360.000 вработени.