Министерство за здравство: Оваа година двапати се покачуваа платите, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе
Можностите и буџетот не дозволуваат повеќе. Оваа година веќе двапати се покачуваат платите на здравствените работници, во првата половина на годината и овој месец, соопшти Министерството за здравство по најавата на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) за предупредувачки протест на 19 октомври.
-Еднаш во првата поливина на годината се покачија за 2.000, 2.500 и 3.000 за три различни групи здравствени работниици. Сега. на 9 октомври имаше ново покачување од 10 проценти, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината. Апсолутно сметаме дека покачувањето е значајно и Министерството за здравство и министерот д-р Меџити од преземањето на функцијата силно се залага за подостоинствен приход, а двете покачувања се резултат, меѓу другото, и на оваа заложба. Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе, наведува Министерството за здравство во допис до медиумите.
Посочува дека одржало повеќе состаноци со синдикатите на кои било разговарано на оваа тема при што, како што е наведено во соопштението, „детално им беше образложен пристапот на Владата и Министерството на здравство во однос на покачувањата“.
Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) денеска информираше дека в четврток, 19 октомври, ќе организира предупредувачки протест на вработените во сите здравствени институции во државава за време на паузата, од 10.30 до 11 часот, зашто се незадоволни од тоа што и по средбата на нивни претставници во Министерството за здравство на 5 октомври немаат одговор за нивните барања.
Бараат зголемување на платата за 30 проценти на сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал, ревидирање на Колективниот договор, зголемување на додатокот за инфекција од 1 на 4 проценти, трансформација на работниот однос од определено на неопределено на тие што се со договор на дело и бенефициран работен стаж.