Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи ја најави својата кандидатура за иден градоначалник на скопската општина Чаир. Се очекува свој потег да повлече и сегашниот министер за животна средина и екс градоначалник на Чаир, Изет Меџити. Тоа ќе биде (не)очекувано финале на процесите во и околу ДУИ во последните десетина години.
Чаир стана упориште на ДУИ во Скопје во мандатот на Изет Меџити. Беше формирано младо партиско јадро составено од Изет Меџити, Ермира Мехмети, Артан Груби и Бујар Османи. И сите тие во одредени периоди се бореа за место до или околу самиот Али Ахмети. Ермира Мехмети прва испадна или излезе од бродот на ДУИ, дури имаше и понуди за високи позиции во СДСМ во периодот едно “општество за сите” на таа партија. Подоцна од бродот скокна и Изет Меџити кој беше дел на крилото на ДУИ ( со Теута Арифи и Невзат Бејта ) кои се залагаа по изборите на 11 декември 2016 година да се коалиција со СДСМ а не со победникот на изборите ВМРО ДПМНЕ. Тоа доведе до создавање на т.н. Тиранска платформа и ескалација на политичката криза со настаните од 27 април 2017 година. Тогаш беше напуштен мајскиот договор склучен меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ од 2008 година за коалицирање на победникот со победникот. По ланските парламентарни избори и големата победа на ВМРО ДПМНЕ, ДУИ не стана дел од владата со образложение дека тие први го напуштиле правилото победникот да коалицира со победникот. Но и покрај тоа Мицкоски во владата го зема Изет Меџити ( како еден од лидерите на колицијата Влен или Вреди ) иако тој беше моторот на процесите за некоалицирање со ВМРО ДПМНЕ и напуштање на т.н. Мајски Договор во 2016/17 година.
Во отсуство на Ермира Мехмети и Изет Меџити, Артан Груби го зацврсти своето место на човек број 2 во ДУИ. И Мехмети и Меџити го обвинуваа токму Груби за своја политичка елиминација. Поради слабиот СДСМ на Димитар Ковачевски, Артан Груби со своето “бахато” однесување беше еден од факторите за тешкиот пораз на СДСМ на ланските избори, манифестирано преку барањето на ВМРО ДПМНЕ Македонија да се ‘ослободи од околуапцијата на ДУИ”. По “ослободувањето” Артан Груби мораше да замине од Македонија и денес се наоѓа на некоја непозната адреса.
Во ДУИ од таа чаирска четворка остана само Бујар Османи. На минатите парламентарни избори Османи беше кандидат на ДИУ и коалицијата на претседателските избори. И на тие избори го порази Арбен Таравари, во тој момент лидер или еден од лидерите на Влен. Во меѓувреме Таравари ја напушти и коалицијата и функцијата министер за здравство во владата на Мицкоски и сега остава отворена врата за коалицијата со ДУИ на локалните избори.
Со аферата дивоградби во Чаир која ја отвори градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска Чаир стана клучна кота на локалните иозбори 2025 година. Или нешто слично на општина Центар на изборите 2013 година. Сегашниот градоначаник Висар Ганиу беше избор на Изет Меџити. Уште пред ланските парламентарни избори се шпекулираше “дека се случува нешто во Чаир’ и дека поради тоа “нешто” ДУИ го “држи во шах” Изет Меџити. Остана нејасно зошто Данела Арсовска и евентуално ДУИ ако веќе ги имале тие информации не ги искористиле пред ланските парламентарни избори и акцентот сепак го ставиле на локалните избори во Чаир.
Чаир се смета за место каде пред две години беше почнат процесот на формирање на коалицијата Вреди. Тоа беше запакувано во целофан со доаѓањето на косовскиот премиер, Албин Курти и отварањето на една улица во Чаир со името на Адем Демачи кој долго време беше доживуван како “косовски Нелсон Мендела”. ДУИ и тогашната влада на Ковачевски го игнорираа тој настан. По тој настан се засили притисокот врз Арбен Таравари, кој тогаш како Претседател на неподелената Алијанса на Албанците беше во коалиција со ДУИ и заднички со ДУИ и СДСМ работеа на проектот европска коалиција со која планираа да излезат на ланските парламентарни избори. Но со трансеферот на Таравари во Влен таа изборна коалиција уште неформирана пукна како евтин порцелан.
Во контекст на се тоа беа и пресметките во т.н. криминално подземје, кланот Дуќанџик и Грчец кои се сметаа за блиски на дел од т.н. “огнени момци” кои заминаа од ДУИ во Влен. И тоа веќе беше основа на еден “политички молотов коктел” кој сега се очекува да пукне на локалните избори во Чаир каде ќе се решаваат многу работи, од пари, криминал, политика и на крај лидерска пресметка меѓу ДУИ и Изет Меџити.
Висар Ганиу е сега тежок товар околу ногата на Меџити и тој ќе треба да одлучи дали Ганиу, самиот Меџити или некој трет ќе му се спротистави на Бујар Османи. А целата криминално урбанистичка криза во Чаир да биде решена со општа легализација по завршувањето на локалните избори.
Овие и уште многу други прашања беа третирани во двете емисии Во Центар, “Што се случува во Чаир” и “Министер во оган”. Во продолжение ќе можете да го погледнете линкот од таа емисија: