Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговиот украински колега Олексеј Резников телефонски разговарале за „приоритетите“ како противвоздушна одбрана и артилерија пред претстојниот состанок на сојузниците на Киев во Брисел, соопштија двете страни доцна синоќа.
– Остин и Резников разговараа за важноста да се донесат ветените воени капацитети во Украина што е можно побрзо, рече портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер.
По телефонскиот разговор, Резников на Твитер објави дека „САД се непоколебливи во поддршката за Украина“ и додаде дека тој и неговиот колега разговарале и за ситуацијата на фронтот.
Откако доби ветување дека Украина ќе добие десетици модерни тенкови, вклучувајќи ги американските М1 Абрамс, германскиот Леопард 2 и британскиот Челинџер 2, претседателот Володимир Зеленски и другите официјални претставници на Киев почнаа да ги повикуваат сојузниците да испратат и борбени авиони.
Таканаречената Контакт група за одбранбена помош за Украина ќе одржи средба во вторник во седиштето на НАТО во Брисел, како продолжение на конференцијата од 20 јануари во базата Рамштајн во Германија, која одигра клучна улога во одлуката за обезбедување тенкови за Украина.