МИНИСТРИТЕ ОД ДУИ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ! Али Ахмети со порака до Димитар Ковачевски: “Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“

Министрите од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) поднеле оставки од функциите кои ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ би гласале за уставните измени. 

Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, стои во објавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети на социјалната мрежа Фејсбук.

Ваквата одлука ја најави претходниот ден министерот за надворешни работи Бујар Османи и потпретседател на ДУИ, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени. 

Сите нивни барања ги прифативме. Бараа ДУИ да излезе од Владата. Ставот на ДУИ е јасен, одлуката ќе се активира дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа. Дури може сега да ја потпишеме со одложено дејство и таа да влезе во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени“, изјави Бујар Османи на средбата со новинарите.

И вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во понеделникот на телевизиско гостување кажа дека се подготвени да излезат од Владата во истиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени.

Прашан дали ДУИ се подготвени да излезат од Владата доколку тоа е цената што треба да се плати, Артан Груби кажа дека не само да излезат од Владата, туку и да се откажат од прв премиер Албанец во Владата, да се откажат од Пржинската Влада…

Од сето тоа да се откажеме и да одиме или на предвремени избори веднаш по гласањето на уставните измени или да одиме на редовни избори. Ако им се седи во Влада уште една година, пет, шест месеци, 10 месеци колку има, нека си седат во Владата, само нека гласаат за уставните измени. ДУИ во истиот тој момент од изгласувањето на уставните амандмани, излегува од Владата и им овозможува да владеат без ништо од тоа што очекуваме до крајот на мандатот“, кажа Артан Груби во понеделникот за Канал 5 телевизија.

Едно од барањата на опозицијата на лидерската средба меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ беше да се формира влада во која нема да учествува ДУИ