Мирен протест на родителите на учениците од ООУ „Тодор Јанев“ поддржани од наставниците и жителите на Чашка

Родителите на учениците од ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка кои со поддршка од Советот на родители од вторникот ја блокираат наставата поради одлуката на  Министерството за образование и наука да  формира  паралелка на албански наставен јазик во училиштето кое според статутот е само за настава на македонски јазик, и во населено место со Македонци, а во кое според лична карта на родителите нема регистрано жител на албански мајчин јазик.

Тие доцна синоќа поддржани од наставниците и жителите на Чашка на плоштадот „Македонија“ во Чашка одржаа мирен протест против ваквата одлука на МОН. Воедно, од вчера поддршка добија и од наставниците поради што вчера наставата во училиштето целосно беше прекината. Исклучок е новоформираната паралелка на албански јазик со шест првачиња, која со одлука на МОН профункционира од четвртокот и тоа во преадаптирана просторија на Интернатот на училиштето.

Од Советот на родители најавија  бојкотот на наставата да продолжи во понеделник во 7 часот и  се додека надлежните институции, како што посочија не го решат вештачки создадениот проблем. Tие бараат првачињата од албанската паралелка да се вратат во својата досегашна паралелка заедно со своите соученици од македонски наставен јазик  и да ја продолжат наставата.

Како што потенцира Цвета Пешовска од Советот на родители тие како родители и сите  жителите на населба Чашка немаат никаков проблем со учениците кои сакаат да учат на друг јазик, различен од македонски јазик, да го остварат своето право на свој мајчин јазик. Таа посочува тоа да биде во околните населени места каде има училишта со настава на албански јазик, но не и во населбата Чашка каде нема ниту еден жител којшто зборува на албански јазик ,тие тоа не го дозволуваат.

Таа се обрати до министерот за образование и наука Јетон Шаќири со прашање дали може да претпостави какви меѓунационални тензии се создадени во ова училиште и како поделбите што се прават се одразуваат врз учениците кои со години учат заедно.

За пратеникот Игор Здравковски случувањата во Чашка се реприза на велешките, од пред некој месец, и биле класичен пример на освојување на територии.

Кире Николовски жител на Чашка од собирот пред жителите порача да  се поднесе кривична пријава против ново именуваната директорка на ООУ„Тодор Јанев“ за непочитување на Закон за реонизација и Статут на училиштето. Тој му забележа на мнозинството во Совет на Општина Чашка, составено од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, што навреме не реагирало за да се спречат прекршувањата на законите.

Во ООУ„Тодор Јанев“ во населба Чашка во учебната 2023/24 година учат 210 ученици и со 104 во подрачното училиште во село Мелница вкупниот број на ученици изнесува 314. Во населба Чашка настава следат 65 ученици од албанската етничка заедница поточно тие со организиран превоз доаѓаат од населени места Бањица, Отиштино, Горна Чашка, Еловец, Голозинци,Бусилци, Крива Круша и Ново Село. Само шест првачиња од завчера следат настава на албански јазик, додека останатите 59 ученици од албанската етничка заедница се оставени да посетуваат настава на македонски јазик. Жителите на населба Чашка се револтирани што поради наводна неверифицираност е затворен интернатскиот дел на училиштето, кој нудеше сместување уште од времето на поранешната држава, во чија една спална соба сега се одржува наставата за шесте првачиња.

Тие ученици, според  наставниците и со реонизација не припаѓаат во ова училиште туку во населеното место каде живеат и затоа посочуваат дека МОН треба како и што ветиле пред четири – пет години за овие ученици  да им изгради училиште во местото на живеење. Потенцираат дека тоа е селото Бањица каде од пред неколку години има и локација и маркица за изградба на училиште на албански наставен јазик.

Како што посочи Цвета Пешовска од Советот на родители од пред три месеци МОН и ги одзема ингеренциите на Општина Чашка врз ова училиште и само си назначи директорка  и вработува нови лица во училиштето, каде бесправно е разрешен Училишниот одбор, а  веќе се примени и пет нови лица

Таа и останатите родители и жители на Чашка се разочарани и од игнорантскиот однос на директорката на училиштето Елена Николова која е назначена од МОН, бидејќи не излегува на разговор со родителите за да ги образложи причините за непромислените процеси којшто ги спроведува.

Во писмениот одговор за МИА од МОН по ова прашање се појаснува дека Министерството за образование и наука се заложува за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик, затоа што тогаш воспитно – образовниот процес е најефикасен и ефективен.

-Во посоченото училиште е постапено согласно барањата на дел од жителите во населеното место и имајќи предвид дека сите останати услови се исполнети, а најважно е што постојат и просторни услови, а обезбедени сеи  средства од Министерството за финансии да се отвори паралелка на албански наставен јазик,се наведува во писмениот одговор од МОН.