Мировниот план на Трамп за Украина во руските учебници: „Влезе во историјата“

Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина ќе биде вклучен во руските учебници по историја кога ќе се подготват следните изданија.

Еден од авторите на учебникот, претседател на Руската воено-историска асоцијација и советник на претседателот на Руската Федерација, Владимир Медински, ова го изјави за руската ТАСС, истакнувајќи дека Трамп „дефинитивно влезе во историјата“.

„Извонредните напори што ги прави новата американска администрација за разумно да се обиде да го реши конфликтот во Украина и, воопшто, неверојатните трансформации во американската внатрешна политика што сега ги гледаме, несомнено ќе завршат на страниците на учебниците и од руската и од светската историја кога ќе се подготви следното издание. Овде можеме да кажеме дека Трамп дефинитивно влезе во историјата“, рече тој.

Медински додаде дека нема право да ја коментира политиката на американскиот претседател.

„Но, како набљудувач и како историчар, можам да кажам дека живееме во историска ера“, додаде тој.

Од 1 септември 2023 година во образовниот процес ќе се користат новите учебници за 10 и 11 одделение. Изданието се состои од четири книги: Историја на Русија (10-то одделение), Општа историја (10-то одделение), Историја на Русија (11-то одделение) и Општа историја (11-то одделение).

Рускиот министер за образование Сергеј Кравцов изјави дека од 1 септември 2025 година се планира да се воведат нови учебници по историја за петто до деветто одделение. Автори на учебниците се Медински, ректорот на МГИМО Анатолиј Торкунов и директорот на Институтот за општа историја на Руската академија на науките Александар Чубарјан.