Мисајловски: Набавката на италијански хеликоптери продолжува, тие ќе се користат и за гаснење пожари

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денес изјави дека набавката на хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“ продолжува, а во моментов се работи на отстранување на правните оспорувања.

„Набавката е во тек, знаете дека претходната влада ја потпиша таа набавка, има многу правни предизвици. Во овој момент се исплаќа втората рата од 70 милиони евра. Секојдневно работиме со адвокатска канцеларија за да ги отстраниме сите предизвици што ги имаме“, рече Мисајловски.

Тој нагласи дека хеликоптерите ќе имаат можност да работат на сите видови пожари и дека на овие хеликоптери се инсталира дополнителна опрема.

„Наскоро очекуваме работна посета на Италија, каде што на лице место ќе видиме што е направено и транспарентно ќе објасниме до каде е стигната целата постапка“, рече Мисајловски.

Договорот за купување на осум нови транспортни хеликоптери од италијанскиот производител Леонардо за потребите на Армијата, во вредност од 249,5 милиони евра, го потпиша претходната влада во март минатата година.