Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ даде интервју за американските медиуми непосредно пред почетокот на Мастерсот во Индијан Велс, каде подоцна беше елиминиран во третото коло од Италијанецот Лука Нарди.
Ѓоковиќ зборуваше за тежок период пред седум години кога се здоби со повреда на лактот.
– Мислам дека можам да зборувам за сите спортисти дека повредата е најголемиот непријател. Кога некој е повреден во индивидуален спорт, особено во тенис, нема замена, нема кој да те замени. Кариерата е на чекање и работите што сте ги граделе со години може да бидат изложени на ризик. Верувам дека нема превенција само во спортот, туку и во животот. Имав една голема операција, имав повреда на лактот. Поради сè што се случуваше низ годините, поради долгите натпревари, сезони, тенисот има најдолга сезона, почнува во јануари, а завршува во ноември. Многу турнири, многу патувања, сето тоа влијае на телото и психата – започна Новак.
– Тоа беше во 2017 година, го почувствував уште во 2016 година, но ја носев таа повреда на лактот и секогаш бев против лекови против болки, не ми се допаѓаа, но морав да ги користам. Сигурен сум дека многу спортисти можат да се пронајдат во ова. Луѓето очекуваат да играш, купуваат билети и можеби ова е единствената шанса да ве видат…не сакав да ги разочарувам луѓето, себеси, семејството. Носев повреда, се влошуваше.
Отпрвин не сакал операција, но …
– Ја убив таа своја болка, а на Вимблдон во 1/4 финалето сфатив дека не можам да сервирам, дека не можам да кревам рака, знаев дека е готово и тоа беше моментот кога требаше да направам некои радикални промени. Избегнав операција по секоја цена, а кога завршив по Вимблдон, паузирав и не сакав да играм. Се обидов да заздравам, тренирав за новата сезона, повторно ја почувствував болката, отидов да играм во Австралија и сфатив дека морам да направам операција. Го направив тоа и шест недели подоцна се вратив – откри Новак.
Периодот по операцијата беше многу тежок.
– Плачев по операцијата, не од болки, туку затоа што се изневерував. Мојата филозофија е да избегнувам операција, да направам сè што можам за да не одам под нож, а мајка ми беше тука за мене. И’ реков: „Мамо, се изнетвирав“, таа ме тешеше и рече дека тоа е нормално и дека сите го прават тоа. Тоа беше огромна промена за мене, тогаш имав 30 години. Што е многу за спортист, влегувате во последната фаза од кариерата. Имав фантастична кариера и никој не ми рече да успорам, да не играм година или две.
Размислуваше да стави крај на кариерата.
– Се чувствував како да сакам да се откажам од тенисот, неколку месеци по операцијата испаднав од топ 20, го играв најлошиот тенис досега. Губев, се чувствував лошо на теренот. Мислев дека е момент. Потоа морав да го средам мојот сервис, мојата тактика, сето тоа беше предизвик. Го собрав мојот тим, им кажав дека се оддалечувам од професионалниот тенис, мислев дека е време за следното поглавје. Мојата сопруга, мојот менаџер, мојот тим беа таму. Ми рекоа да чекам, да се смирам, да размислувам оти сум со „жешка глава“. Го загубив натпреварот во Мајами и мислев дека тоа е тоа, потоа застанав, ме поддржаа, благодарен сум им за тоа. Морав да се смирам, набргу потоа, во вториот дел од 2018 година го освоив Вимблдон, УС Опен и само што почнав да се подигам и потоа во следните години ги имав најдобрите моменти во кариерата – изјави Ѓоковиќ.