Потпретседателот на Собранието и лидер на НСДП Горан Мисовски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, вели дека посакува Никола Груевски да се врати во земјава и да одговара за направеното, но не знае дали тоа ќе се случи. Според него, измените на КЗ не го амнестираат Груевски. Како што вели тој, проблемот во правосудството лежи во мрежата на судии, адвокати, обвинители, блиски роднини и партиски поддржувачи.
Мицкоски јавно обвини дека Груевски бил на врска со власта за да помогне за уставни измени, додека за возврат да добие амнестија. Има ли таква работа?
Многу полемика се отвори околу евентуалното враќање на Груевски. Јас лично би сакал да дојде во Македонија и да се соочи со правдата за сѐ што направи додека беше премиер. Посакувам, а дали ќе се случи, не зависи од нас.
Со дел од правдата не може да се соочи, откако со измените на Кривичниот законик му застареа одредени дела.
Видете, судската власт е независна, таа ги носи одлуките.
Но, нели сметате дека вие како пратеници со вакви законски одредби како измените на КЗ, на некој начин, правите упад во судската власт?
Нема ниедна пречка судовите да ги продолжат предметите онака како што е напишано во законот. Можеби има друг проблем со тие судии од „тефтерчиња“ и слично, тоа не навлегувам. Но, фелата се изјасни дека измените на КЗ не спречуваат Груевски да се врати и да одговара.
Колку, според Вас, намалувањето на казните е правиот начин за борба против криминалот и корупцијата?
Опструкциите во таа мрежа на судии, адвокати, обвинители, блиски роднини и партиски поддржувачи… Тука лежи проблемот, а не во измените на КЗ.
Ако тука е проблемот, каде тогаш е решението?
Решението е парламентот да носи закони од интерес на граѓаните, а судовите да ги почитуваат. Само ако ги издвоиме властите, ќе има успех.
Кога ВМРО говори за борба против криминал и корупција е најголемо лицемерие. Прво, човекот што ја водеше партијата, избега од државата, а сигурно дека без пари не отишол. Само следете ги бомбите. Не постои збор во нашиот јазик на буквата „Т“ според кој нема предмет. ВМРО владееше врз база на „3П“ – пендрек, пари и пропаганда.
Сепак, поминаа 7 години откако ВМРО е во опозиција, а вие сте на власт, па и одговорноста е кај Вас.
Без разлика, борбата против корупција секогаш и секаде треба да е присутна. Треба да се носат закони, ние формиравме ДКСК преку транспарентна постапка. Направивме сѐ, а дали сме се справиле успешно или не, ќе кажат граѓаните на изборите. Тоа е тежок и макотрпен процес.
Кога велам дека најголемо лицемерие е кога ВМРО зборува за борба против корупцијата, второто по големина лицемерие е кога говори за мешање во судството.