Додека власта преку шнајдерски скроени кампањи држи тематски трибини под мотото резултати, сигурно мислат на резултатите од криминалот, корупцијата и уништувањето на Македонија за кое се неприкосновени. Скандалите и уништувањето на образованието никако да запрат, учебници нема, но затоа има тенденција за скроени тендери по нечија желба за големи заработки.
Објавениот повик за одобрување учебници по странски јазик за деветогодишно основно образование е со низа недоследности и согласно тврдењата во јавноста на реномирани издавачки куќи како „Оксфорд” и „Пирсон”. Имено, повикот кој беше објавен во месец март по неколку основи е дискриминаторски. Прво, станува збор за оглас во кој се предвидени ограничувачки услови кои фрлаат сомнеж дека со ваквиот потег се фаворизираат фирми кои би ги исполнувале условите од јавниот повик. Станува збор за два услови, прво апликантот да има ирелевантни ИСО сертификати и второ, во секоја од минатите три години да има годишен приход по 20 милиони денари. Ова потврдува дека Министерството за образование и наука во својот повик воведува нови, досега нечуени критериуми, поради кои дури и реномирани издавачи не може да аплицираат на повикот.
Дополнително, издавачките куќи кои се јавуваат како автори на учебници се од англиско говорно подрачје, учебниците на фирмите што ги застапуваат се направени според европска рамка за образование за изучување на странски јазик, но сепак МОН одлучило да формира комисија која ќе ги оценува иако издавачките куќи се специјализирани само за оваа работа. Па , се поставува прашањето – која би била функцијата на комисијата, кои критериуми треба да ги оценуваат ако знаеме дека станува збор за издавачи чија специјалност е токму ова?
Воедно, станува збор за издавачките куќи „Оксфорд“ и „Пирсон“ кои јавно изјавија дека ваквите критериуми се негаторски и дискриминирачки затоа што тие не би можеле да имаат приход од 20 милиони денари за секоја од трите последни години, бидејќи книгите пред се се специјализирани и се продаваат по реални пазарни цени, а за добивање на ИСО сертификат се потребни минимум шест месеци, а тој услов МОН го поставило како критериум неколку дена пред да го распише повикот.
Почитувани граѓани, ова е потенцијал за нов криминал во МОН. После учебна година во која учебниците беа финално поделени во месец април, само еден месец пред завршување на школската година, дополнително тендерот за свидетелства е повторно објавен за што повторно се поставува прашањето дали учениците и оваа година ќе имаат свидетелства на време, за на крај да имаме и нов сомнителен и фаворизирачки тендер кој се однесува на учебниците по англиски јазик.
Прес конференција на Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ