Митева: Целта на Владата е да го трансформира општеството на земјата во дигитално општество, буџетот на МТД за 2025 година е зголемен за 200 отсто

Портпаролката на Владата на Северна Македонија, Марија Митева, на денешната прес-конференција зборуваше за предлог-буџетот во делот за дигитализација.

Таа рече дека ако се споредат вкупните проекти на Министерството за информациско-комуникациски проекти со оние од минатото, може да се заклучи дека е за 200 отсто поголем – имено од 154 милиони денари во 2023 година, 182 милиони денари во 2024 година, на 365 милиони денари во 2025 година.

„Во делот на поединечни проекти за 2025 година е предвидена изградба на современиот примарен центар за податоци (DATA CENTER) во Скопје, што претставува капитална инвестиција која се најавува со години. Во моментов, сите државни системи се физички во нивните надлежни институции, голем дел од нив во несоодветни услови кои предизвикуваат пократок век на опремата, неажурирани верзии на софтвер и висок степен на ризик од сајбер напади.

Проектот предвидува изградба на примарен владин центар за податоци, каде што сите органи на државната управа заедно ќе ја лоцираат својата опрема. Со ова, од една страна, државата ќе оствари значителни заштеди за услугите за колокација. Тоа значи вклучување на системи за ладење, безбедност, системи за противпожарна заштита, надзор и одржување на просторите, а од друга страна ќе се овозможи забрзана дигитална трансформација. Станува збор за повеќегодишен проект, но на почетокот на 2025 година се планира физибилити студија со која ќе се утврдат техничките стандарди за изградба на центарот, локацијата и како да се обезбеди одржливост.

Проценетата вкупна вредност на проектот е до 40 милиони евра, додека за наредната година од буџетот се предвидени 2 милиони евра за физибилити студија и почеток на изградба“, рече Митева.

Таа додаде дека дигиталната трансформација значи посилна интерконекција и подобра иднина за сите нас, поради што за само неколку месеци по преземањето на власта предвидовме 80 нови електронски услуги, зголемена интерконекција на институциите и фокус на сајбер безбедноста. Преку овие проекти и инвестиции во дигитализацијата, ја обезбедуваме нашата позиција во дигиталниот свет.