Митрески: “Крај на огромните камати, СДСМ поднесе законски измени каматата да не биде поголема од долгот“
СДСМ и парламентарното мнозинство предложи законски измени со кои ограничуваме каматата да не може да биде поголема од долгот.
Станува збор за предложени измени во Законот за облигациони односи и Законот за извршување.
Со овие измени казнената камата нема да може да биде поголема од долгот.
Односно, кога износот на стасаната, а не исплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.
Во пракса тоа значи, на пример за долг од 500 денари, максималниот износ на каматата да биде 500 денари.
Или за долг од 1.000 денари, максималниот износ на камата да биде 1.000 денари.
Конечно ја прекинуваме праксата граѓаните да плаќаат 10 пати поголем износ одколку што навистина должеле.
За долг на сметка од 500 денари имаше случаи кога се бараше наплата од 5.000 денари, затоа што каматата што треба да ја платат им е десетици пати поголема од долгот кој реално го имале.
Дополнително, со предложените законски измени предвидуваме скратување на рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката.
Тоа значи намалување на можноста за акумулирање на камата и за оневозможување на енормна заработка од камата. Од друга страна значи и стимулирање на доверителите за поефикасна и побрза реакција при наплата.
Со ова ставаме крај на праксата граѓаните пред истекот на 10те години, пред истекот на рокот за застарување да добиваат извршни решенија, решенија од извршители за долг кој можеби не ни знаеле дека постои поради долгиот временски период, дополнително зголемен со енормен износ на камата.
Таквите поплаки од граѓаните доаѓаат до нас пратениците, доаѓаат до вас медиумите реално се случуваат во секојдневниот живот и со вакви законски измени вистински решаваме еден долгогодишен горлив проблем.
Пред извесен период како парламентарно мнозинство предложивме и изгласавме измени на законот за облигациони односи каде договорната камата не смее да биде поголема од главниот долг.
Со ова имаме фер законско решение за кое очекуваме силна поддршка од сите пратеници.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.