– Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, денеска оствари средба со Делегација на Бундестагот на Сојузна Република Германија, предводена од Јосип Јуратовиќ, претседател на Парламентарната група за Југоисточна Европа (ЈИЕ).
На средбата присуствувале и генералната секретарка на Собранието на РСМ, Цветанка Иванова, како и германските пратеници Томас Хакер, заменик – претседател и Штефан Браднер, член на Групата за ЈИЕ во Бундестагот и амбасадорката на Германија во земјава, Петра Дексле
– Митрески изрази задоволство од посетата на претставниците на Бундестагот, кои се во посета на дел од земјите од регионот и се заблагодари за поддршката од Германија на сите полиња, а посебно на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и за полноправното членство во НАТО, информира собраниската прес-служба.
Тој истакнал дека Германија е меѓу најголемите трговски партнери на Северна Македонија и дека односите меѓу двете земји ги карактеризира долгогодишно пријателство и соработка.
-На средбата беше искажана длабока и особен благодарност за неодамна донесената Резолуција во Бундестагот, со која се поддржува европската иднина на Северна Македонија и се оддава посебно признание на македонската култура, идентитет и јазик. Пратеникот Томас Хакер, како еден од иницијаторите на Резолуцијата, истакна дека ова е редок случај кога Бундестагот издвојува на ваков начин една земја на посебно ниво, што јасно ја демонстрира силната поддршка за европската иднина на нашата земја, се вели во соопштението од Собранието.
Од германска страна, како што додваат оттаму, особено била потенцирана важноста од внатрешен парламентарен дијалог и национален конзесус, особено за прашања од стратешки интерес, како што е членството во евроатлантските институции. Во тој контекст, Митрески изразил очекување дека Северна Македонија до 2030 година ќе обезбеди полноправно членство во ЕУ. Тој посочил дека во изминатите години земјата се соочувала со повеќе предизвици и блокади, но и оти покажала подготвеност за реформи и за исполнување на критериумите за членство во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ.
-На средбата беа разменети мислења околу Берлинскиот процес, кој годинава го одбележува својот 10-годишен јубилеј. Општ став беше дека со вклучувањето на парламентите во истиот се подига нивото на политичка соработка, со истовремено подобрување на информираноста на парламентарците за предностите содржани во потпишаните договорис кои потоа треба да се ратификуваат во националните парламенти, додаваат од Собранието.
Осврнувајќи се на поинтензивната парламентарната соработка на ниво на служби, генералната секретарка Иванова се заблагодарила за помошта од Бундестагот за независно внатрешно собраниско обезбедување. На овој проект, кој е во рамки на Програмата за парламентарна поддршка на Швајцарската конфедерација, веќе има предлози за конкретни законски решенија и ќе биде доставена донација на опрема за негова целосна реализација.
Митрески ги информирал присутните и за обврските и надлежностите на Собранието во однос на претстојните парламентарни и претседателски избори во земјава. На крајот на средбата, пратеникот Јуратовиќ, истакнувајќи дека Германија и натаму ќе ја поддржува Северна Македонија на сите полиња на патот кон ЕУ, посакал мирен изборен процес во земјава, со, како што рече полна одговорност кон македонските граѓани.