Михаел Рот со шест предлози за реформирање на процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан
Луѓето и владите во регионот имаат итна потреба од опипливи придобивки од пристапувањето кон Европската Унија. За да го постигнеме тоа, процесот на пристапување треба да се реформира и земјите кандидатки треба да бидат вградени чекор по чекор во структурите на ЕУ пред формално да станат членки, порача Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг и поранешен министер за надворешни работи на Германија.
Задоволен е што претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, неодамна даде сличен предлог како и неговиот од минатогодишната посета на земјава, а денеска, од конференција во македонскиот Парламент, Рот конкретизираше шест предлози за реформи. Според него, тие ќе резултираат со постепено забрзан процес на интегрирање, кој смета дека ќе биде попривлечен за земјите од Западен Балкан и ќе ги приближи до ЕУ без притоа, како што рече, да ги поткопа строгите критериуми за пристапување.
За отворањето на преговорите, заедно со отворањето и затворањето на индивидуалните поглавја, во иднина, според Рот, треба да се одлучува преку квалификувано мнозинство во Советот на министри. Тоа е еден од шесте предлози што тој ги соопшти денеска пред македонските пратеници.
-Недозволиво е само една земја членка или две земји членки да ги уценуваат сите останати. Тоа беше горката реалност кога јас бев министер за надворешни работи. Јас бев на колена бидејќи прво требаше да ги убедувам француските колеги, а потоа требаше да ги убедувам бугарските колеги, истакна Рот во обраќањето на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ организирана од Институтот за демократија Социетас цивилис-Скопје
Германскиот пратеник и дипломат предложи и земјите кандидатки кои остваруваат задоволителен напредок во склоп на рамката за преговори и во рамки на добро владеење и владеење на правото да бидат дел од Европскиот совет и да учествуваат редовно во Советот на министри.
-Пред пристапувањето, ЕУ треба да оствари уште потесна соработка со земјите кандидатки во клучните области на безбедност, енергетика и инфраструктура. Постепено пристапување кон заедничкиот пазар на ЕУ ќе биде привлечен стимул за пристапување во Унијата. Претпристапна финансиска помош за помагање на напорите за зачленување, која треба да се зголеми значително со цел да се надополнат недостатоците во однос на инвестициите и како еден вид заштита од кинеските заеми, рече Рот соопштувајќи ги предлозите.
Останатите два од шесте предлози со кои, според него, ќе се реформира процесот на ЕУ-интергрирање се: зајакнување на улогата на проевропското граѓанско општество, на пример преку процедури за задолжителни консултации, и дека европските земји членки треба, како што рече, да се впуштат во процес на спонзорства преку кои ќе обезбедуваат техничка помош во процесот на пристапување.
-Вчера зборував со моите колеги од Северна Македонија и на сите им е преку глава од Европската Унија. Тоа се млади луѓе кои имале доверба и јасно ми е зошто повеќе не и веруваат на ЕУ. Не станува збор само дека вие треба да ги исполните вашите обврски, туку и ние треба да ги исполниме нашите обврски и да ги исполниме нашите ветувања. Без сомнение, Северна Македонија може да извлече придобивки од овие реформи и токму тоа и е потребно на вашата земја по толку години чекање. Како најголема земја членка на ЕУ, Германија има посебна одговорност за иднината на Западен Балкан и навистина се гордеам што ова е една од главните теми на агендата на нашиот премиер, истакна Рот во Собранието.
Враќањето на војната во регионот, како што рече, и далo до знаење на ЕУ дека стабилизацијата и интеграцијата на „нашите соседи од Источна и Југоисточна Европа е за наш интерес“.
-Тоа не е подарок, туку е за наш сопствен интерес. За да го постигнеме ова, процесот на проширување мора да се реформира на тој начин што граѓаните во земјите кандидати, како што е Северна Македонија, ќе може да извлечат придобивки од првичните предности што ги нуди членството во Унијата, дури и пред да стапи официјално како членка во ЕУ. Европската Унија одвои многу време и вложи многу доверба во земјите од Западен Балкан во изминатите години. Северна Македонија е најдобриот или, за жал, најлошиот пример за ова. Европската интеграција на Северна Македонија ќе биде од симболично значење за целиот регион затоа што е мултиетнички пример за Западен Балкан, рече Рот.
Руската агресија врз Украина, додаде Рот, ја разбудило ЕУ од нејзиниот сон и Унијата одновно го открила, како што рече, еден од нејзините најуспешни инструменти – политиката на проширување „која беше двигател во изминатите декади и водеше кон мир, демократија и владеење на правото“.
Рот смета дека со доделувањето кандидатски статус на Украина и Молдавија, се појавила загриженост во Западен Балкан дека фокусот на ЕУ во блиска иднина ќе се насочи кон Источна Европа и токму затоа, нагласи тој, „ние треба да се погрижиме дестабилизирачкото влијание на Русија и на Кина да не се зголеми во регионот“.
Смета дека ЕУ треба да ги обнови политичките заложби преку кои ќе постави основи за земјите од Западен Балкан да се придружат на ЕУ помеѓу 2025 и 2030 година.
-Знам дека ЕУ мрази да зборува за датуми и дека секогаш е тоа ризично. Но ни е потребна поголема амбиција. Не можам да дојдам во Скопје, Сараево или во Приштина и да кажам: „Видете, зависи од вас, колку повеќе сте амбициозни, толку побрзо ќе ви се даде можност да се приклучите кон ЕУ“. Мислам дека ние треба да бидеме поамбициозни. Не сум сигурен дека луѓето во вашата земја би биле трпеливи да чекаат уште 20 или 25 години. Мислам дека треба да утврдиме патоказ кој ќе биде посуштински, попрецизен од оној што го имавме претходно, рече Рот во своето обраќање, порачувајќи „вашата иднина е и наша заедничка иднина“.
Германскиот политичар порача дека „повеќе не може да си дозволиме недостиг на одлучност кога ситуацијата е покршлива од кога било претходно“.
-Националистичките тензии се зголемуваат во регионот, како што неодамна можеше да се види на границата помеѓу Косово и Србија и во пресрет на изборите во Босна и Херцеговина. Во меѓувреме, во Западен Балкан имаме судир помеѓу либералните и социјалните демократии, од една страна, и авторитарните системи на Русија и Кина, од друга страна. Двоумењето создаде простор за други актери, кои не само што ги отфрлаат нашите вредности и интереси, туку и активно се борат против нив. Европската Унија не треба да се плаши од отворена конкуренција со Русија и Кина, порача Рот.
За да ги исполнат овие заложби за одговорност, додаде пратеникот од Бундестагот, ги поканил неговите колеги од земјите од Западен Балкан да се придружат на настан во рамки на Берлинскиот процес во Берлин, додавајќи дека парламентарците имаат суштинска улога во унапредување на европската перспектива на регионот.