Мицевска: Директната поддршка за земјоделците ќе придонесе за стабилизација на агросекторот

Вчерашниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ Зборува – Унија на жени“, беше посветен на ветеринарната и фитосанитарната политика како и на безбедноста на храната кои заедно чинат една целина, особено значајна не само за заштитата на здравјето на граѓаните, туку и за одржливоста на земјоделското производство.

Со оваа област одблизу не запозна Верче Мицевска, член на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, истовремено и Национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика при Владата на Р. Македонија.

„Во четиригодишниот мандат како Влада имаме план и визија за целосна ревитализација на земјоделските политики. За таа цела Владата за 2025 година издвојува високи 180 милиони евра финансиска поддршка. Овој месец во Службениот весник излегоа уредбите и Програмата за поддршка во земјоделието за 2025 година каде што најтранспарентно граѓаните можат да проверат дека навистина големи средства се одвојуваат во овој сектор“, вели Мицевска.

Во овој контекст, таа посебно ја извојува директната поддршка во растителното и сточарското производство, понатаму паричната помош од 8000 денари по женско грло говеда, зголемените субвенции по литар млеко коишто достигнуваат до седум денари по литар, 6000 денари за одгледано, продадено или пак во кланица однесено животно како и финансиска помош за складирање на житните култури, за набавка на гориво за земјоделската механизација.

„Исто така, она што е многу трендовско во последно време е инвестирањето во обновливи извори на енергија и практично најголем е повратот на средства токму за обновливите извори на енергија. Така што целиот овој сет на мерки и оваа финансиска поддршка којашто е намената конкретно за производителите на храна, за земјоделците, сточарите, очекуваме една стабилизација на состојбите со агросекторот“, истакнува Мицевска.

Мицевска се осврна и на потенцијалот кој нашата држава го има во производството и понудата на безбедна, квалитетна и конкурентна храна на домашниот и на светските пазари, како и на плановите и реформите кои Владата ќе ги преземе во таа насока.

„Една од реформите ќе биде формирање на една нова Агенција за управување со земјоделското земјиште којашто истото ќе го доведе во насока да припадне кај оние коишто сакаат да се занимаваат со земјоделство. Друга област во којашто ќе посветиме внимание е промоција на органското производство бидејќи навистина Македонија има потенцијал за органско производство и можеме да бидеме препознаени по органски производи, потоа изградба на центри за складирање и дистрибуција на земјоделски производи. Исто така имаме реформи во однос на загарантиран откуп и загарантирани цени за откупот на земјоделските производи“, појаснува Мицевска.