Мицевски: Нема двотретинско мнозинство за уставни измени, избори мора да има

Во Собранието нема двотретинско мнозинство за уставни измени, нема 80 пратеници, надвор од Собранието над 80 проценти од народот се противи на уставни измени под бугарски диктат. Уставни измени под диктат нема, ама затоа избори мора да има, бидејќи оваа власт е делегитимирана, рече пратеникот Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција откако заврши собраниската расправа за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот.

Во присуство на пратеничката група, Мицевски порача дека уставни измени „не се прават врз основа на натурање и диктат од надвор“ и дека тоа е „газење на достоинството и интегритетот на државата, но во исто време и погазување на суверенитетот, бидејќи народот е суверен, а тој во огромно мнозинство кажа не“.  

 -Денес се соочија со суверенитетот и интегритетот на Македонија, од една страна, и инаетот и ароганцијата на власта, од друга страна. Она што Владата го нарекува свршен чин, кој мора да се земе или остави, народот го смета за распродажба на националните и државните интереси и одбива да го прифати, рече Мицевски.

Смета дека власта била арогантна и ги игнорирала нивните сугестии и дека изворот на проблемот, како што рече, датира од 2017 година, со потпишувањето на Договор со Бугарија.

-Наместо пријателство, донесе тензии и уцени. И тогаш беа предупредувани за последиците, и сега ги предупредуваме, ама Ковачевски и власта се тврдоглави или така сакаат да се прават.  

Прифатија услови за евроинтеграции кои ги немала ниту една земја пред нас, услови кои значат или вечни преговори или асимилација. Ја внесоа со својата кусогледост државата во ќор-сокак. Сите рационални сили во Македонија, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, се обидоа да и пружат рака за да се излезе од ќор-сокак, но тие тоа го одбија и, да биде уште пострашно, ги етикетираа сите кои размислуваат поинаку од нив како антиевропски. Ширеа хистерии и поделби, но колку повеќе покажуваат очај, толку народот повеќе ќе ги казни на следните избори кои неминовно треба да се случат. Оваа власт е развластена не само заради тоа што уставните измени и се удрија од ѕид, туку затоа што ја упропастија државата…Оваа власт е проблемот, а решението на тоа се избори час поскоро и промена на власта, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.   

На новинарско прашање дали барањето е за вонредни или за редовните избори наредната година, Мицевски одговори со прашање: „дали состојбите во државата се редовни за да може да се чекаат редовни избори?“

– Очигледно во државава ништо не функционира. Она на што купуваа време од граѓаните дека уставни измени ќе има, дека разговараат со одредени крила на пратеници, денеска се виде дека го немаат двотретинското мнозинство. Следно што оваа ненародна власт, којашто не покажа никакви резултати, треба да го направи е да го распушти ова Собрание па да отидеме и да ги прашаме сите граѓани на предвремени парламентарни избори за тие да одлучат што ќе се случува во иднина, додаде Мицевски.