– Граѓаните треба да го добијат лебот, кој е основен прехранбен производ, по најниска цена што треба да ја има, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање отворањето на спортската сала во населено место Стајковци во Општина Гази Баба, Мицкоски рече дека „лошите политики на Владата довеле до празни рафтови за леб“.
– За жал, егзибиционистичките и лошите политики на оваа Влада, големата инфлација, рекордна во Европа, Македонија има двојно повисока инфлација споредено со ЕУ, доведе до тоа, покрај тоа што пред неколку месеци имаше редици за нафта и бензин, денеска да имаме празни рафтови за леб, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, токму поради владините политики и, како што рече, „изнудени решенија“ се случува рафтовите да се празни и граѓаните на располагање да го немаат лебот како основен производ.