Мицкоски: Донесен Оперативен план вреден 40 милиони евра за вработување на над 16.000 лица

Владата со 40 милиони евра планира да вработи над 16.000 лица, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција на која го претстави Оперативниот план за вработување за 2025 година.

„Еден од главните приоритети на Владата е зголемувањето на благосостојбата кај граѓаните, намалувањето на невработеноста и креирање мерки кои ќе бидат насочени кон ефективен пазар на труд. Заедно се бориме за заедничка иднина. Да не се заборави дека затекнавме хаос, работници кои не добиваат редовно плата, млади без перспектива и индустриско производство кое бележи минусни салда и инфлација. На последната седница срочивме оперативен план за вработување кој ќе понуди поддршка во работата вреден 40 милиони евра со кои ќе се опфатат над 16.000 наши сограѓани“, изјави Мицкоски.

Согласно Оперативниот план за 2025 година предвидено е да се вклучат вкупо 16.057 невработени лица, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување.

„Со овој план се опфаќаат две главни точки. Првата е директна поддршка за стартап бизниси на млади. Втората работа е организиран пристап во сузбивањето на појавата на пожари особено присутен проблем во летниот период за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво“, рече Мицкоски.

Мерките насочени за младите до 29 години

Според него, очекувано е од вклучените лица околу 65% да бидат млади до 29 години, особено затоа што сите мерки се креирани првенствено да ја опфатат оваа категорија, а притоа постојат и такви мерки кои имаат за цел посебно да ја таргетираат оваа група на граѓани.

„Младите се ставени во фокусот со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила, бидејќи тие се иднината на државата и економските стратегии на секоја една сериозна држава треба да се градат врз темелот на можностите и капацитетите на младиот човек. Како дел од тој сет мерки би ја издвоиле поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите има опфат од 720 лица. Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект“, објасни Мицкоски.

Предвидена е и поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование.

„Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари (правен субјект од два содружника). Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години. Дополнително се предвидуваат и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект“, рече премиерот.

Младински додаток за вработени во производство

Според него, дел од мерките е наменет за практикантство чија цел е да вклучи 1.352 млади лица до 29 години за стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места, при што еден од предусловите е лицата да имаат минимум завршено средно образование.

Младинскиот додаток е предвиден за 3.500 млади до 23 години кои ќе засноваат работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството.

Мицкоски истакна дека, освен што Оперативниот план за 2025 година е наменет за младите до 29 години, сепак, со него долгорочно им се помага и на невработените лица.

„Поддршка за самовработување, поддршка за вработување на лица со попреченост, обука на работно место, обуки за возачи за Ц, ЦЕ и Д-категорија, но, и обуки за странски јазици, основни вештини за работа со компјутери и многу други мерки и програми. Ги повикуваме граѓаните да се запознаат во целост со можностите што ги нуди Оперативниот план. Секој човек е важен, а ние како Влада ќе се обидеме да отвориме повеќе работни места“, изјави Мицкоски.