„Власта има легитимитет на повеќе од 600 илјади граѓани кои гласаа на 8 мај. Ова е веројатно една од ретките влади, која има близу 80, а можеби и повеќе од 80 пратеници поддршка во Собранието. Така е, оваа Влада е без Демократската унија за интеграција и тоа го кажавме и кога зборувавме за тоа ги наведовме и причините зошто е тоа така“.
Ова денеска го истакна премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски на новинарско прашање за изјавата на опозициската партија ДУИ, од каде истакнаа дека Владата нема етнички легитимитет.
Меѓу другото, Мицкоски рече дека ваквите политички пораки без разлика на етничката припадност ги отфрлаат мудрите луѓе.
„Иако опозициската ДУИ продолжува да го дели народот, наместо да се извинува и да бара враќање на бегалците од правдата. Гледам дека сè уште не ја научиле лекцијата од таму. Во отсуство на каква било друга идеја што значи подобар живот за граѓаните, тие се обидуваат да ги поларизираат граѓаните и мислат дека таквата политика им носи резултати. Мислам дека сето тоа е погрешно и тие го гледаат тоа во анкетите на јавното мислење“.
„Но, добро, ако мислат дека треба да продолжат да работат вака, нека работат, тоа е нивна работа. Наместо да се извинуваат и да бараат враќање на бегалците пред лицето на правдата, тие продолжуваат да ги делат луѓето. Но народот е мудар без разлика на етничката припадност, народот е мудар и ги отфрла овие политички пораки од опозицијата и тоа е добро и ќе продолжи и во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.