Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска го прими заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф, соопшти владиниот прес.
Мицкоски рече дека разговарале за нашите евроинтеграции, зајакнување на владеењето на правото и економскиот развој, кои се приоритети на нашата Влада.
„Овие приоритети не се само национални цели, туку претставуваат услов за стабилност и напредок на целиот регион.
Евроинтеграциите остануваат наш главен стратешки приоритет. Неуморно работиме на спроведување на реформи кои ќе обезбедат владеење на правото, транспарентност и ефикасност на институциите, се разбира, како дел од ова, заштита на човековите права и слободи. На овој начин планираме да се доближиме до Европската Унија и да го подобриме животот на сите наши граѓани.
На економски план силно се фокусираме на создавање поволна бизнис клима која ќе привлече странски инвестиции, ќе отвори нови работни места и ќе го стимулира економскиот раст. Во врска со ова прашање, ги информиравме нашите пријатели за се што постигнавме како Влада во изминатите шест месеци, од изборот на Владата, презентирајќи ги податоците и бројките кои природно ѝ се достапни на јавноста.
Сметаме дека соработката со САД ќе продолжи да игра важна улога во подобрувањето на овие резултати, кои би ги опишал како исклучително позитивни за нас, со оглед на тоа од каде започнавме“, се вели во соопштението.
Новата влада, рече премиерот, прави максимални напори за унапредување на овие процеси, вклучително и спроведување на обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО.