Мицкоски: Заедно може да изградиме просперитетен, инклузивен и горд европски регион

Денес сите заедно сме решени да одиме кон посилна, поотпорна и поинтегрирана Европска Унија (ЕУ), порача претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на отворањето на Самитот на лидери на Западен Балкан и ЕУ во Скопје.

На самитот, чиј домаќин е премиерот Мицкоски, присуствуваат комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, лидерите од Западен Балкан, министри, високи претставници на ЕУ и регионални и меѓународни организации.

„Нашиот регион е витален дел од Европа и интегрален дел од нејзината иднина. Западен Балкан е регион богат со потенцијал и амбиција“, рече Мицкоски на отворањето.

Тој додаде дека денешниот самит е посветен на заедничката визија во која Западен Балкан повеќе не е чекалница, туку регион што се развива.

„Ова визија нѐ води како Влада кон реформи и соработка, презедовме значајни чекори напред, од забрзување на протокот на граничните премини, приклучување на платежниот систем СЕПА… посветени сме на усогласување со европските стандарди, напори што се израз на нашата подготвеност за подлабока интеграција“, посочи Мицкоси.

Додаде дека заедничката сила лежи во единството и стабилноста:

„Преку блиските врски со нашите соседи и ЕУ, ние отклучуваме нови пазари, нови работни места и нови пријателства, ги отстрануваме бариерите во трговијата и ги подобруваме инвестициите.“

Премиерот истакна дека „нашиот брз пристап кон Планот за раст на ЕУ ја рефлектира довербата што ни е дадена.“

Посочи дека кредибилитетот на Планот за раст и на поширокиот европски проект почива на одржување на ветувањето и на давањето резултати.

„За да се осигурат стабилноста и еднаквоста треба да соработуваме како партнери, соседи и како регион во целина“, истакна Мицкоски повикувајќи на заедничка работа кон претворањето на Планот за раст во реалност.

„Заедно може да изградиме посилен и подобро поврзан регион што е просперитетен, инклузивен и горд европски“, порача тој.

На самитот, посветен на Планот за раст, што е можност за евалуација на постигнатиот напредок и наредните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот, покрај Мицкоски и Кос, присуствуваат и албанскиот премиер Еди Рама, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо, српскиот министер за европски интеграции Немања Старовиќ и вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти.