Мицкоски за односите со Бугарија: Да почекаме уште малку, за танго се потребни двајца

„Потребни се двајца за да играат танго“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со односите со Бугарија и одлуката на бугарската влада да ја прекине железничката врска со Северна Македонија.

Мицкоски потенцираше дека треба да се почека, бидејќи сè уште не се знае дали ќе има договор или не.

„Наша должност е да работиме. Сега ќе има ли договор – потребни се двајца за танго. Треба да видиме како тие работат на другата страна“, рече премиерот.

За Коридорот 8 и однесувањето на бугарската страна, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го соопштува во јавноста подолго време и дека сега дури и сознанијата на новинарите и медиумите се дека парите ќе се трошат залудно.

„Дури и вашите заклучоци се на линија на тоа дека парите ќе се трошат џабе, кога кажавте „видете што прават овие вмровци“. „Па што правиме сега?“, праша Мицкоски.

На прашањето што ќе биде со парите што се издвојуваат за железницата, тој рече дека треба да се почека и да не се брза.

,,Точно знаеме што правиме, нема да направиме ниту еден милиметар спротивно на интересите на граѓаните и државата, бидете сигурни во тоа“, рече Мицкоски.