Мицкоски: За спроведување на реформите во земјата, потребна е одговорна и професионална јавна администрација
Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, повика на одговорна и професионална јавна администрација со цел спроведување на реформите во земјата.
„Без силна, професионална, одговорна и почитувана јавна администрација, нема држава, нема реформи, нема вистинска демократија. Честитки за вашата работа, за вашата посветеност, за вашата отпорност, понекогаш дури и во тешки и обесхрабрувачки услови“, вели премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на денешниот настан по повод Меѓународниот ден на јавната администрација.
Мицкоски нагласи дека денешниот ден не е само формалност, туку повик за реформи и, конечно, надминување на болестите што долго време ја еродираа јавната администрација.
„Но, денес не е само формалност. Тоа е и повик. Повик за пресврт. Повик за реформи. Повик за конечно надминување на болестите што долго време ја еродираа јавната администрација и за кои мора да бидеме свесни: партизација, непотизам, неефикасност, клиентелизам“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека дојде време за промени. Вистински промени.
„Ги градиме темелите на промените. За вашето време што доаѓа. За време во кое знаењето и работата ќе бидат поважни од партиското членство. За време во кое институцијата ќе му служи на граѓанинот, а не граѓанинот на институцијата. За време во кое професионализмот ќе биде стандард, а не исклучок. За време во кое државниот службеник ќе биде горд што е дел од јавната администрација, додека граѓанинот ќе знае дека ќе добива услуга со почит, на ефикасен и дигитален начин“, рече премиерот.
Премиерот Мицкоски нагласи дека минатата година е започната акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“, што претставува основа за транспарентност и многу други проекти.
„Во овие 12 месеци не ветивме – но работевме. Ја започнавме акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“, како основа за транспарентен и одржлив процес на консултации при изготвување на закони.