Мицкоски: Илинден нека нè обедини и нека нè потсети каква држава треба да им оставиме на генерациите зад нас

Премиерот Христијан Мицкоски, денес од Скопје, го честиташе празникот 2 август – Илинден, Ден на Републиката.

„Нека овој ден нè потсети на жртвите што ги направија генерациите за нашата генерација да го има она што го имаме ние денес – а тоа е слободна и независна држава Македонија. Нека нивната жртва нè потсети каква држава треба да им оставиме на генерациите што доаѓаат по нас. Држава во која ќе имаме среќни граѓани, држава што ќе биде просперитетна. Држава што ќе биде татковина за сите, без оглед на етничката припадност. Нека овој ден обедини, ова е ден за единство. Нека се слави, дури би рекол нека биде наш вечен ден. Да го почитуваме достоинствено, нека ни е на помош Свети Илија“, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

Премиерот Мицкоски, придружуван од вицепремиерот Изет Меџити и министерката за образование Весна Јаневска, претходно положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев пред Собранието, на споменико во паркот „Жена парк“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методи Андонов – Ченто.

Попладне, како што е најавено, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во состав: претседателот на Советот на општина Струга на ВМРО-ДПМНЕ и заменик-министерот за правда, Ален Деребан, и пратеникот Јован Јаулески, и ќе положи цвеќе во Ташмаруниште, во Струга.

Централниот настан по повод Илинден се одрж на „Мечкин Камен“ во Крушево, каде што се обрату претседателката Гордана Силјановска – Давкова.