Мицкоски и Радев на 7 ноември во Будимпешта на Самитот на политичката заедница, се очекува и посредништво на Орбан за случајот Македонија-Бугарија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе го искористи Самитот на Европската политичка заедница што ќе се одржи во Будимпешта на 7 ноември годинава за да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев.
Самитот на Европската политичка заедница, кој е веќе планиран, е иницијатива на Макрон двапати годишно да се среќава со сите лидери на европските земји и земјите кои не се членки на ЕУ за да разговараат за стратешки политички прашања. Последниот самит беше во јули во Англија.
Според медиумот „Рацин“, на тој самит Орбан ќе се обиде да го исполни своето ветување дека ќе посредува меѓу Македонија и Бугарија и ќе ги доведе лидерите на двете земји на иста маса.
Инаку, најавена е посета на Скопје на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која наскоро треба да допатува во регионот за да ги исполни ветувањата за парите предвидени со Планот за раст.