Прославата на браќата Кирил и Методиј, кои се темел на писменоста на словенските народи и создавачи на словенската глаголица, според која подоцна е создадена кирилицата, е доказ дека нивната благородна мисија продолжува да обединува и денес. Потоа, браќата Кирил и Методиј ја промовирале визијата дека моќта на еден народ и држава лежи во образованието, науката и писменоста. И токму благодарение на нивната духовност и посветеност, денес и ние можеме да ја развиваме културата, образованието и науката на нашиот мајчин јазик, пишува премиерот Христијан Мицкоски во својата честитка по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.
„Нашата заложба е преку образованието, кое е темел за опстанок и развој на една држава, да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија. Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот дар – писмото, гласот на нашиот идентитет. Оваа борба за правото на сопствен глас, за правото на сопствена духовност, е темел на нашата вековна борба за независност, идентитет и национално достоинство. Нивната мисија продолжува преку секој ученик кој учи да чита, секој писател кој твори, секој наставник кој пренесува знаење. Тие не се само минато – тие се вековен мост кон иднината“, вели Мицкоски во својата честитка.