Мицкоски: Македонија е шеста земја по привлекување странски инвестиции според БДП

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека сме шеста земја во светот по број, големина и обем на странски инвестиции во светот според БДП.

„Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, рековме дека сме четврта најголема економија во Европа. За жал, сè уште има такви кои брутално и предаторски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека ова е четвртиот најголем раст на БДП во Европа. Значи, и дека сме шеста земја во светот по број, големина и обем на странски инвестиции во светот според БДП, односно, поточно, да не дозволиме овој тип луѓе да го дефокусираат и ова“, рече премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Премиерот Мицкоски додаде дека, според Светската туристичка организација на ООН, Македонија е шестата дестинација во светот што привлече најголем број туристи врз основа на процентот на раст, во споредба со истиот период минатата година.

„И мора да кажеме и дека туристичкиот сектор на Обединетите нации објави дека сме шестата дестинација што привлече најголем број туристи во светот, според процентот на раст, во споредба со истиот период минатата година. Ова се параметри што се добри и важни. Дали ова ќе се почувствува во стандардот на граѓаните, убеден сум дека ова се случува, можеби доаѓа полека, но во наредниот период ќе биде уште поизразено. Со оглед на тоа што без интервенција, популизам и без начинот на кој се зголемуваше просечната плата порано, имаме ист раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека, но сигурно доаѓа на свое место“, нагласи тој.

„Нашата примарна цел беше да се консолидираме како држава, проценувам дека сме во таа фаза на консолидација и сега е време да започне растот, имено да го почувствуваме сето она за што зборувавме денес. Затоа, велам дека ако имаме зголемување на платите од 11, 12, 13 проценти на месечна основа и просечна инфлација од 4 проценти, тогаш во нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше ситуацијата пред година и пол, две години: Тогаш имавме просечна инфлација од 15, 18, 20 проценти и зголемувањето на платите беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега што е во позитива“, нагласи Мицкоски.