Мицкоски: Министрите во владата ќе одат на одмор од 5 до 15 август

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денес по потпишувањето на меморандумот за разбирање со турската компанија „Казанџи Холдинг АС“, изјави дека Владата ќе биде на одмор од 5 до 15 август, додека по годишните одмори официјално ќе објави како владината коалиција ќе се претстави на претстојните локални избори.

„Во врска со владината коалиција и настапот на претстојните локални избори, разговорите се исклучително конструктивни, се движат во позитивна насока. Очекувам некаде, условно, по годишните празници, да имаме официјално соопштение до јавноста. Очекувам Владата да биде на годишни празници помеѓу 5 и 15 август, тие десет дена. Анализите ќе продолжат во тој период, разговорите ќе продолжат веднаш по 15 август, да речеме втората половина на август, и ова ќе биде официјализирано“, рече Мицкоски.

Разговорите за изборите во владината коалиција, вели Мицкоски, веќе се завршени, а сега се прават анализи за можните идни коалициски партнери.