Мицкоски: Нашата цел е да ја направиме Македонија место на можности каде што напорната работа се исплати, а инвестирањето има смисла
„Новата инвестиција на турската компанија „Чагатај Кабло“ е уште еден темел на економска доверба и јасен сигнал дека кога институциите се посветени, успехот неизбежно доаѓа. Денес е уште една потврда дека одиме напред“, изјави премиерот Христијан Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник на новата фабрика на оваа компанија во Технолошко-индустриската развојна зона во Скопјe.
„Ова се индикатори кои го кажуваат најважното нешто дека земјата е стабилна, економијата активна и дека иднината се гради денес. Свесен сум дека граѓаните се соочуваат со тешкотии, свесен сум дека се потребни брзи и конкретни промени и токму поради оваа причина, секој ден со целата енергија што ја имаме, работиме за да се случат овие промени. Се бориме за секое ново работно место, за секој денар повеќе во економијата на земјата, за секоја шанса што може да донесе стабилност во земјата. Не чекаме инвестиции, ги бараме, ги поддржуваме, ги заслужуваме. Не зборуваме за можности, туку ги отвораме. Повикуваме на промени и ги реализираме овие промени“, нагласи Мицкоски во својот говор.
Тој додаде дека ова е само еден од многуте примери за тоа како економскиот раст се создава не со теорија, туку со конкретни предмети, и дека таков почеток е добар не само за компанијата, туку и за локалната заедница, националната економија и за секој млад човек кој сака да остане во својата земја.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија место на можности, место каде што напорната работа се исплатува, место каде што инвестирањето има смисла, место каде што институциите се деловни партнери, а не пречка, туку поддршка“, подвлече Мицкоски.
Тој нагласи дека постигнатите резултати покажуваат дека Владата има јасна економска насока.