– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека јасно го кажал ставот на лидерската средба со премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски минатата среда – „Уставот да се отвори одложено т.е. откако Македонија ќе биде членка на Европската Унија“.
-Кога ќе стане членка на тоа големо семејство, тогаш Бугарите ќе бидат добредојдени во Преамбулата на Уставот… Ако тоа трае три години, што е проблем за Бугарите да почекаат три години да станат дел од нашиот Устав, рече Мицкоски во интервју за ТВ Алфа.
Во изминатата недела по лидерската средба, рече, „гледаме спинување и извртување на вистината па дури и лажење“ од страна на СДСМ и ДУИ и од помали политички партии дека ВМРО-ДПМНЕ се согласила за уставни измени. Притоа нагласи дека во Парламентот нема 80 пратеници за прифаќање измените.
-Целта е преку ова лажење и наводна промена на ставот, мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе добие негативна перцепција кај дел од гласачите и ќе го намали потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ и разликата да ја пренесат кај помали политички партии „лешинари“, кои глумат лажни опозиционери, рече Мицкоски.
Додаде дека државата е „заглавена“ на патот кон полноправно членство во ЕУ и затоа ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, свесна за процесите и иднината на Македонија и народот е конструктивна и проактивна и понудила решение кое не е понижувачко.
-Велиме да – во име на процесот, но со одложено дејство. И тоа му го кажав на Ковачевски, додаде Мицкоски.