Мицкоски: Нема да се помрднам ни милиметар од мојот став за уставните измени без вклучување на Македонците во Бугарскиот комитет за малцинства
На денешната седница за пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски повторно ја повика опозицијата, заедно со Владата, да лобира кај европратениците да гласаат за извештајот за Македонија, со кој би се признал вековниот македонски идентитет поврзан со македонскиот народ и јазик, додека во врска со уставните измени, тој нагласи дека сè додека нема Македонци во Бугарскиот комитет за малцинства, „нема да има поместување, ниту милиметар, од нашите ставови“.
„Во овој извештај се наведува дека имаме посебен македонски идентитет различен од нивниот, не по 1945 година, туку пред векови, и македонскиот јазик, и ако ова не е проблем, тука европските пратеници имаат можност и таму гласаат со мнозинство, а не едногласно, и поради оваа причина ја молам опозицијата што е дел од одредени политички семејства што имаат европратеници да лобираат за негово прифаќање“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека во среда, пред европратениците ќе биде презентиран извештајот за состојбата во Македонија во врска со вековниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик, за што се очекува реакција, а веќе се поднесени амандмани од Бугарија.
Мицкоски исто така нагласи дека Македонците од Бугарија заслужуваат место во Комитетот за малцинства, каде што се присутни Роми, Турци и Ерменци, и додаде дека сè додека Македонците не станат дел од тој комитет, нема да има промена во неговиот став по прашањето на уставните измени.
„Во Бугарија постои Комитет во кој членови се претставници на ромското, турското и ерменското малцинство, и нели ние Македонците, кои имаме 14 одлуки во Судот за човекови права во Стразбур, заслужуваме место во тој комитет, додека тие заслужуваат место во нашата Преамбула? Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, а сите ние треба да работиме за ова, нема да се помрднам ни милиметар додека сум премиер на оваа влада“, изјави Мицкоски.