Мицкоски: Не ветуваме чуда, туку градиме систем базиран на правда

За една година неуморна работа, визија и пристап кон управувањето, ја враќаме државата на нозе, дел по дел, институција по институција, систем по систем. Граѓаните го препознаваат новиот пристап. Тие знаат дека не ветуваме чуда, дека работиме секој ден за да изградиме систем кој не зависи од партиска припадност, туку од правда, отчетност и еднаквост, изјави премиерот Христијан Мицкоски денес во својот говор на настанот „Година на резултати“ во рамките на Царинската управа, каде што даде отчет за постигнатото во текот на изминатата година.

Како што истакна Мицкоски, податоците зборуваат многу.

„Собираните приходи се над две милијарди евра, што е за 105 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година. Ова не е случајност, тоа е резултат на принципиелна работа, на водење институции без пресметки, на борбата против криминалот и корупцијата, како и на јасна политичка посветеност – парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови. Знаеме што значат овие бројки што ги презентираше директорот на Царинската управа – повеќе за пензии, плати, болници, патишта, училишта… Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија, додека денес се враќаат кај народот“, нагласи премиерот.

Тој спомена дека до ОЈО и до Обвинителството за организиран криминал се поднесени и 181 кривични пријави, што, како што рече, е 4,5 пати повеќе од минатата година.

Тој доби и одликување од Царинската управа како знак на благодарност за неговата поддршка и посветеност на соработката.

На настанот, кој претходно беше насловен како „Службен весник“, резултатите од работата ги објави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, додека свое обраќање имаше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.