Мицкоски: Не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми, ако има волја, има начин

Премиерот Христијан Мицкоски по средбите со европските претставници во Брисел рече дека евроинтеграцискиот процес треба да се заснова на проценка на постигнатото, а не на билатерални прашања.

Според него, 2 децении по потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, земјата е жртва на билатерални проблеми.

Премиерот порача дека повеќе нема да се прифаќаат ултиматуми. Мицкоски, заедно со колегите од земјите од Западен Балкан, учествуваше на работниот ручек со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, а се сретна и со првиот човек на Советот на Европа, Шарл Мишел.

„Не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот е дека тие се таму, вие сте надвор, а ако сакате да бидете таму мора да го прифатите ова, жал ни е, но во таков случај не можеме да го прифатиме. Од друга страна ни порачуваат дека постои волја да се биде земја членка на Европската Унија. Мојот одговор на оваа теза е дека ако има волја, постои начин.

Тука сме да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел, остануваме фокусирани на предлагање решенија и ако навистина има волја, тогаш има начин“, изјави Мицкоски.