Мицкоски: Односите Македонија – САД се на високо ниво, да не избрзуваме со заклучоци за одбивањето да му се даде виза на министерот Фатмир Лимани

Односите меѓу Владата и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како и со администрацијата на американската амбасада овде се на ултра високо ниво, истакна вчера премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски, коментирајќи го случајот со одбивањето на американската виза на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, советуваше да не се брза со заклучоците.

„Не би избрзал со заклучоци за визата, да почекаме, но ако за брзо ја добие тогаш што да правиме, што ќе биде?! Значи, да не избрзуваме, точно знаеме што правиме и нема да мрднеме ниту еден милиметар против интересите на државата и граѓаните“, изјави Мицкоски.

Амбасадорката на САД Ангела Агелер во врска со одбиеното барање за виза на министерот Лимани, нареди да се побара одговор од самиот апликант, нагласувајќи дека САД имаат строги закони за приватност и дека таа не може да коментира за прашања поврзани со добивање американска виза за ниту еден апликант.

„Имаме многу строги закони за приватност во САД и затоа не можам да коментирам за какви било прашања за виза за кој било поединец. Би ве упатила до министерот да ви каже што се случило, но исто така ќе кажам дека за секој барател на американска виза, процесот за добивање американска виза му е објаснет на поединецот и доколку има нешто дополнително, и тоа му се објаснува“, рече Агелер.