Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски официјално ги претстави носителите на пратеничките листи на парламентарни избори на 8 мај и при тоа потврди дека тој ќе биде носител на пратеничката листа во изборната единица еден.
Местата за носители во останатите изборни единици, како што се најавуваше претходно, се резервирани за партиските потпретседатели и за уште двајца пратеници.
Па така, на листата што ја кандидира ВМРО-ДПМНЕ се најдоа имињата на потпретседателот на партијата – Владо Мисајловски, кој ќе биде носител во изборната единица два, и на пратеникот Драган Ковачки, како носител во изборната единица три.
Во „четворката“, прв на ливчето ќе биде потпретседателот Александар Николоски.
Одлука кој ќе биде носител во изборната единица пет, како што најави Мицкоски, ќе биде донесена во текот на денот, а во изборната единица шест, носител ќе биде жена односно актуелната пратеничка Дафина Стојановска.
#Овие избори не се помеѓу Европа и изолација, овие избори се одлука на граѓаните во Македонија помеѓу Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски од едната страна и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од друга страна“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
“Секоја друга, условно кажано, трета опција или седење дома е директно гласање за оваа група, правата група. Затоа ги повикувам граѓаните масовно да излезат на изборите, да земат учество и да одлучат во каква држава сакаат да живеат“, рече Мицкоски.
Вели дека има два концепти, држава на граѓаните или држава на Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски или држава на народот, која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
“Тоа се двата концепти кои што ќе се судрат на овие избори, нема трет концепт, секој оној кој ќе одлучи да поддржи трет концепт или да остане дома и на тој начин да биде надвор од изборниот процес, всушност учествува и го поддржува првиот концепт,концептот што го нудат ДУИ и СДСМ“, рече Мицкоски.
Инаку, пред десетина дена, и лидерот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски, најави дека за две-три недели СДСМ и Коалицијата ќе го заокружат процесот на формирање на листите за народни избраници и потврди дека СДСМ ќе има носители во сите шест изборни единици.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, во меѓувреме, во неколку наврати, најави дека тој ќе биде носител на листата на СДСМ во изборната единица еден.
Па така, засега е познато дека во „кецот”, покрај Христијан Мицкоски од ВМРО ДПМНЕ и Димитар Ковачевски од СДСМ, во оваа изборна единица ќе се натпреваруваат и актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која најави дека ќе биде носител на листата на партијата Алтернатива и Димитар Апасиев, лидерот на Левица.