Мицкоски: Очекувам дека во првиот квартал од оваа година ќе бидеме меѓу петте најдобри економии во Европа

Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес, за време на прославата на 80-годишнината од постоењето на Заводот за статистика, изјави дека очекува стапката на раст на бруто домашниот производ (БДП) во првиот квартал да биде помеѓу три и четири проценти.

„Го кажав ова во изминатиот период и очекувам конечно првиот квартал од оваа година да покаже консолидација, да бидеме меѓу првите пет или шест економии, би рекол во Европа, во првиот квартал според процентот на раст на Бруто домашниот производ, да речеме дека ќе останам на таа бројка што ја споменав претходно, помеѓу три и четири проценти, но да видиме деновиве, претпоставувам дека и таа бројка ќе биде објавена“, изјави Мицкоски.

Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, на денешниот настан по повод 80-годишнината од постоењето на оваа институција потврди дека податоците за растот на БДП ќе бидат објавени утре во 12:00 часот.