Мицкоски-Пленковиќ: Македонија заслужува членство во ЕУ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, во телефонски разговор со премиерот Христијан Мицкоски, изрази поддршка за процесот на европска интеграција, нагласувајќи дека земјата заслужува членство во ЕУ.

Двајцата премиери го објавија телефонскиот разговор на своите социјални мрежи.

„Имав телефонски разговор со премиерот на Република Хрватска. Во пресрет на извештајот на Европскиот парламент, продолжувам да ги користам сите контакти за да ја кажам македонскиот вистина – за нашиот напредок, за вредностите што ги браниме и за иднината што ја заслужуваме“, нагласи Мицкоски на Фејсбук.

Премиерот нагласи дека Хрватска е докажан пријател на нашата држава, а нејзината гласна поддршка во клучните моменти е голем поттик и охрабрување за сите нас.

„Македонија заслужува членство во Европската Унија, но со крената глава“, додаде Мицкоски.

Пленковиќ, пак, информираше дека со Мицкоски, меѓу другото, разговарале и за извештајот на известувачот Томаш Вакч за земјата.

„Со премиерот Христијан Мицкоски разговарав за понатамошната динамика на европскиот пат на Северна Македонија, претстојниот извештај на Европскиот парламент за напредокот и ситуацијата во Југоисточна Европа. Хрватска ќе продолжи силно да ја поддржува Северна Македонија, која заслужува членство во ЕУ“, напиша Пленковиќ на „Х“.