Мицкоски повторно го повика Ковачевски да одбере датум за заеднички избори меѓу двата големи верски празници

– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања денеска повторно го повика премиерот Димитар Ковачевски да одбере еден датум и за претседателски и за парламентарни избори. 

– Ако ВМРО-ДПМНЕ ги иницира тие состаноци, тогаш ќе се јави Талат Џафери и ќе рече дека е претседател на Собранието и логично е тој да ги иницира, па потоа ќе бидеме напаѓани зошто ние  ги инцираме, а зошто тој не. Затоа рековме нека седнат и нека се договорат, јас имам информација дека денеска ќе имаат работен ручек Ковачевски, Ахмети и Груби, нека седнат нека се договорат и нека кажат, тој и тој ден, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината бидејќи овие два процеси се клучни за иднината на Македонија, изјави Мицкоски при посетата на Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарско прашање во однос на работни групи за изборите.

Тој потсети дека има сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР што треба да се имплементираат во Изборниот законик, а тие, како што кажа, се дека шест месеци пред одржување на избори не треба да се отвора изборен законик.

-Ние сме на помалку од шест месеци пред избори, повторно ќе правиме фаули, повторно ќе интервенираме, зошто, затоа што некој е кукавица и не сака да излезе да се соочи со граѓаните. Но, мора да излезе. Мора за неколку месеци од денеска да имаме избори.

Јас ќе повторам, нека земе лист хартија, нека напише датум, и блиску до тие два големи верски празници – зборувам за Рамазан и за Велигден. Нека одлучи, како ќе одлучи, така ќе прифатиме. Ако треба нека се консултира со Груби и со Ахмети, нека побара зелено светло, како ќе одлучат, така ќе направиме, вели Мицкоски.

Според него, не треба да има одвоени избори, бидејќи тоа, како што кажа, „е голем трошок од десетици милиони евра и би било „згрозувачки ако некој размислува во таа насока“.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ги повика политичките партии навреме да се договорат за терминот за одржување на претседателските и парламентарните избори следната година се со цел почитување на законските и уставните рокови.

-До Нова Година треба да имаме консензус по однос на претседателските избори, парламентарните избори се друга приказна и важат други процедури и други рокови и има време до февруари, март, истакна Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

Ако партиите немаат согласност и калкулираат, вели тој, јас тоа нема да го оставам така, нема да дозволам да се излезе надвор од она што е пропишано. 

Мицкоски го повтори ставот дека нема да има уставни избори под бугарски диктат. 

-Нема да има уставни измени под овие услови затоа што овие услови се понижувачки, антимакедонски, не нудат развој, не нудат напредок и цениме дека тоа што го потпишаа пред се Бујар Османи и Ковачевски значеше да добијат уште некој месец во својата политичка кариера. Еве успеаја. Добија уште година и половина. Тие што им веруваа дека можат да испорачат сфаќаат сега дека не можат да испорачат. Владата презема ингеренции коишто не и припаѓаат. Таа ги презема ингеренциите на Парламентот, кажа Мицкоски.

Во однос на тоа дали претстојната посета на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на Скопје, дали тоа го сфаќа како притисок за уставни измени и дали ќе се сретне со неа, вели дека засега нема најава за средба.

-Ме прашавте дали има барање за состанок кај мене. Секој добронамерник е добредојден. Секој којшто сака да разговара јас ќе разговарам. Имаме ние многу теми што за нас се многу поважни од темата уставни измени. Исклучителна е темата уставни измени. Ние нашите аргументи сме ги кажале. Многупати доаѓале во овие 16 месеци и многупати по телефон сме разговарала стотици пати со големи светски дипломати, не сме слушнале од другата страна аргумент којшто нас може да ни даде една комотна ситуација, комфорна и да речеме – да, сега не’ убедивте, секоја чест, еве рака. Напротив, многупати на тие состаноци, во тие телефонски разговори ние со нашите аргументи сме ги разубедувале соговорниците бидејќи добивале претходно лажни информации од страна на луѓето во Владата, меѓу кои е и овој којшто го споменавте, Бујар Османи, вели тој.  

Мицкоски, прашан да ја искоментира изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека Скопје е безбеден град, кажа дека „Спасовски е министер речиси осум години и срамота е со позицијата со која излегува во јавност“.

-Тие што требаше да бидат подземје и тие што требаше да бидат гонети и да одговараат за криминалот се сега надземје. И јас мислам дека тој треба да биде сериозно загрижен по промената на владата во Македонија затоа што има многу информации коишто доаѓаат и многу индиции, коишто доаѓаат до нас за тесна соработка помеѓу врвот на Министерството за внатрешни работи со овие криминални групи. Без разлика дали едната криминална група носи име на едно населено место не далеку од овде или другата криминална група носи име на населено место малку подалеку од овде но повторно во околината на Скопје.

Според него, „има индиции дека заедно многу озбилно, ортачки работеле во изминативе шест години откако се влада, а малку подолг период од како овој е министер за внатрешни работи“.

-И мислам дека е исплашен, мислам дека е исплашен и загрижен и затоа се обидува сега претпоставувам да се наметне како претседателски кандидат, па сега и таму гледаме како со Пендаровски се натпреваруваат кој повеќе ќе му се додвори на Артан Груби, на Али Ахмети и на овие криминални групи но после изборите овие што треба да бидат подземје ќе треба да бидат озбилно гонети но и овие кои што биле нивни коалициони партнери а дел од врхушката на МВР ќе одговараат, има многу за истрага и многу за одговорност уште од првиот ден кога ќе биде формирана новата влада имаме и формирано тим да бидам попрецизен неколку тимови кои што само со тоа ќе се занимаваат, тврди Мицкоски.